
Народот на Крива Паланка треба да се праша преку референдум за рудникот за антимон. Градоначалникот Сашко Митовски, не може да одлучува сам или да се договара со премиерот Христијан Мицкоски, порачаа денеска од опозицискиот СДСМ.
Оттаму се децидни дека не се против инвестиции, туку дека се против рудник што го загрозува здравјето на граѓаните и поради тоа градоначалникот, којшто инаку доаѓа од редовите на СДСМ, мора да распише референдум.
Од најголемата опозициска партија велат дека градоначалникот мора првенствено да ги слуша своите граѓани, „а не човекот кој ја гледа државата како свој тендер“.
„Мора да знае градоначалникот Митовски кога се слуша со Мицкоски, човекот кој се занимава исклучиво со својот приватен бизнис, носи часовници од 65.000 евра додека народот гладува, купува приватни авиони и прави струја преку почесни конзули како неговиот пријател Душан Адамовиќ. Градоначалниче – референдум! Нека граѓаните на Крива Паланка сами одлучат. СДСМ е и секогаш ќе биде на страната на народот, а не на страната на Мицкоски и неговата тендер-коалиција“, соопштија од „Бихаќка“.