
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, смета дека во регион кој традиционално живее и се развива од рударството, инвестицијата како проектот за антимон може да претставува можност за економско заживување на градот.
„Оваа инвестиција треба сериозно да се разгледа, со темелна анализа на сите можни последици и придобивки. Доколку се потврди дека станува збор за едно од најголемите наоѓалишта на антимон во светот, тоа може да отвори значајни перспективи за економски развој на Крива Паланка“, изјави Митовски за ДВ.
Според него, локалната економија има сериозна потреба од ваков вид инвестиции, особено во услови кога економскиот развој на градот е директно поврзан со рударскиот сектор. Сепак, како што нагласува, обврска на локалната власт е истовремено да ја заштити животната средина и јавното здравје.
„Тука нема дилеми – ваквата инвестиција мора да биде условена со строги еколошки критериуми и примена на највисоки стандарди за заштита на здравјето на граѓаните“, вели Митовски, најавувајќи дека ќе бара конкретни гаранции од инвеститорите.
Тој посочува дека засега нема доволно информации за процесот на производство и за технологијата што ќе се користи.
„Ова, во овој момент, не е прашање за референдум“, вели градоначалникот.