
Европската унија ги има сменето критериумите за членство по војната во Украина и почнува да го имитира НАТО, ставајќи ја во прв план геополитиката како причина за нови членки, а настрана критериумите кои претходно и беа битни, а не ја направила ниту внатрешната реорганизација.
Ова е став на поранешниот претседател, Стево Пендаровски, кој зборувајќи на дебатата на тема „Навигација на европскиот пат“ смета дека дополнително на тоа, земјите од регионот не напредуваат во параметрите на квалитетни на демократиите, туку тие назадуваат.
„Накратко, не можам да видам дека во блиската иднина, во неколку години, барем, дека Европската унија ќе почне да ги менува овие нови критериуми за членство, неформално гледано. Ако сум искрен во однос на оваа теза, Европската унија го отвора широко овој прозорец на можности поради војната во Украина. Моето прашање е: Што ќе се случи кога таа војна ќе заврши“, рече Пендаровски.
Пендаровски смета дека постои можност по завршувањето на војната во Украина бирократијата во Брисел да се врати на праксата на чекање на проширување со децении.
Единствениот пат напред на Западниот Балкан кон ЕУ е преку заедничкиот европски пазар, смета, Кристоф Бендер, од Иницијатива за европска стабилност, за што е потребно земјите да се усогласат со 70 – 80% со европското законодавство и кога ќе се сменат политички услови тие ќе станат членки.
Според професорот од белградскиот универзитет, Иван Вујиќиќ, Западниот Балкан пак е во летаргија и се преправа дека сака во ЕУ и дека прави реформи, додека ЕУ се преправа дека му верува и дека го сака кај себе, постојано измислувајќи нови алтернативи за членство.
Според него Унијата е во криза и мора да направи важни реформи за да ја задржи својата конкурентска предност кон САД и Кина.