
Меѓу албанските и американските знамиња, на денешниот протест во центарот на Скопје, на кој се бараше правосудниот испит да се полага и на албански јазик, немаше ниту едно македонско знаме.
Се слушаа скандирања и негодувања упатени кон политичките партии. Некои од присутните на протестот носеа и политички пораки, меѓу кои „Охридскиот договор не се преговара повторно“ и „Законот за јазиците е јасен“, а дел од нив упатија и директни пораки до правосудните институции и Уставниот суд.
“Не го допирајте Законот за јазиците!”, беше една од пораките на протестот, проследена со скандирања за одговорност и оставки. Протестот помина со засилено полициско присуство, а сообраќајот во централното градско подрачје беше привремено пренасочен.
Портпаролката на ДУИ, Арта Биљали Зендели, изјави дека гаранциите за правата важат само за време на кампања.
„Гаранциите за правата очигледно важат само за време на кампањата! По кампањата нивниот глас не се слуша, но гласот на студентите не запира пред дискриминацијата, ароганцијата и мајоризацијата. Денес, студентите се на патот кон достоинство“, рече Биљали Зендели.
Еден од лидерите на Вреди, Изет Меџити, изјави дека политиката за јазикот во Македонија, за жал, е регулирана со половичен закон.
„Половичните закони даваат половични решенија. Затоа протестот е повик за свесност за сите политички и општествени чинители кои мора да придонесат за подобри законски решенија и долгорочни институционални политики во земјата. Наместо политизација, повикувам на свесност, затоа што студентските протести секогаш се аларм за општествени феномени со кои политичките структури имаат обврска да ги третираат во целост“, рече Meџити.
Сепак, Министерството за правда соопшти дека иако го почитува правото на протест како фундаментално демократско право, протестот покажал обид за манипулација од страна на политичките структури.