Јотова подготвува дипломатска офанзива во Брисел околу патот на Скопје кон ЕУ

Официјална Софија подготвува дипломатска офанзива во Брисел за одбрана на своите позиции во однос на македонските евроинтеграции. Ова доаѓа во период кога сè погласни се пораките од европските институции за укинување на ветото при прием на нови членки и премин кон квалификувано мнозинство.

Бугарската претседателка Јотова свика итен состанок со европратениците од својата земја, порачувајќи дека е потребна поактивна координација и ангажман на сите институции за заштита на националните позиции. Од нејзиниот кабинет соопштија дека учесниците се согласиле – Бугарија мора цврсто да остане на своите ставови и да инсистира Скопје да ги исполни обврските од францускиот предлог.

Состанокот доаѓа во пресрет на гласањето за извештајот за Македонија во Европскиот парламент, закажано за јуни, чиј известител е европратеникот Томас Вајц.

Во меѓувреме, тој оцени дека Европската Унија не е доволно фер во процесот на проширување кон Македонија. Паралелно, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул повика на укинување на ветото во Унијата. Иако не ја спомена директно Македонија, тој предупреди дека блокадите од поединечни земји членки ја ослабуваат Европската Унија на глобалната сцена и се заложи за квалификувано одлучување во надворешната и безбедносната политика.

Comments

No comments yet. Why don’t you start the discussion?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *