
Државниот обвинител Ненад Савески ќе им ги одземе сите овластувања на обвинителите кои водат предмети што не се од нивните матични обвинителства. Така, предметите „Талир 1“ за перење пари во ВМРО-ДПМНЕ и „Талир 2“ за незаконско финансирање на луксузната Бела палата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ѝ бидат одземени на Ленче Ристоска и дадени на други обвинители.
На прашање дали освен тие на Ристоска, во предметите со овластувања на обвинители има и други за висока корупција, Савески одговори дека не знае ни за какви кривични дела се работи, ниту пак за кои делегирани обвинители во кои обвинителства се овластени да постапуваат.
Денеска се одложи рочиштетоо за предметот „Талир 2“, зашто сведокот Кирил Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ по вторпат не дојде на ова судење, исто како и минатиот пат.
Савески рече дека ќе нема исклучоци за одземањето на овластувањата, освен за 15-те обвинители за големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, 2025 со 63 жртви, каде не може да се интервенира со оглед на комплексноста на доказите, како и за делегираните во Крива Паланка и Ресен, каде што нема обвинители.