
Повторно од страна на Основниот граѓански суд Скопје, штрајкот којшто беше најавен од подружницата ССКЛ е забранет како незаконит. Штрајкот е забранет поради три основи, односно барањето за штрајк не содржи никакви синдикални барања, односно барања за заштита на право од работен однос. Не е спроведена задолжителна постапка за помирување.
И последната констатација на судот е дека ССКЛ како подружница нема правен легитимитет самостојно да организира и да спроведува штрајкови.
Со оглед на најавите дека ССКЛ повторно ќе иницира односно ќе најавува штрајкови, од страна на ЕМНАФ е поведена и посебна судска постапка каде што се бара судот да утврди дека ССКЛ воопштено генерално нема право самостојно да настапува како подружница и да организира и спроведува штрајкови.
Претседателот на Синдикатот на контролори на летање исто така доби кривична пријава. Според адвокатот на Македонска навигација, Тасевски како вработен користел пет дена за синдикални активности, но наместо на состаноци, тој заминал на приватен одмор.
Деновите му биле платени исто како да е на работа, па со тоа ја злоупотребил службената должност и направил штета од околу 1.100 евра. Тасевски вели тврдењата не се точни, а целта била да се направи раздор меѓу синдикалците. Најави дека ќе поднесе тужба за клевета.