
Петмина кандидати влегуваат во трка за едно испразнето место во Антикорупциската комисија.
За утре се закажани интервјуата во Собранието, каде со помош на претставници на невладини и народен правобранител ќе го избере идниот член на ДКСК. За местото на Цвета Ристовска која си даде оставка влегуваат, Борче Стојановски, Милка Муратовска, Владимир Клековски, Марија Катралова Китанов и Антонија Андонова Тасевски.
Дел од имињата можат да се најдат и на претходни избори за членови на ДКСК, но уште поинтересно е што некои се совпаѓаат и со имиња и презимиња на донатори на сега владеачката ВМРО-ДПМНЕ.
Листите на донатори се објавени на државниот завод за ревизија, а се однесуваат за избори во 2014 и во 2017 година. Антонија Андонова Тасевски е на листата од 2017 година и донирала 25.000 денари.
Исти лични податоци има и кандидатката за член на антикорупциска која во исто време е вработена во ДКСК. И Борче Стојановски е кандидат за член на ДКСК, а во моментов е вработен во комисијата. И такво име и презиме се јавува во листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ, но од 2014 година.
И двајцата Телма се обиде да ги добие на телефонските броеви кои ги оставиле од институцијата, но неуспешно.