
Поранешниот скопски градоначалник и пратеник од редовите на СДСМ, Петре Шилегов, денеска изјави дека во согласност со партискиот статут, исклучување на член извршува општинската организација вго која тој припаѓа и го повика лидерот на партијата Венко Филипче, доколку сака да спроведат таква иницијатива, да дојде во организацијата во Карпош за да разговараат со членството за кое рече дека ќе се потруди да биде многубројно како за неговото исклучување така и за заминувањето на Филипче.
Според Шилегов, неговите ставови, изнесени во неделното интервју за Сител, дека сегашното раководство на СДСМ работи во целосна согласност со ВМРО-ДМПНЕ за интересите на владејачката партија, а не за СДСМ и нејзиното членство, се потврдени.
„Кажав очигледно дека постои договор, кој предвидува СДСМ да биде во ваква состојба во каква што е, упорно да ги промашува темите и да дозволи ВМРО-ДМНЕ да истера два мандата, за сметка на тоа да не бидат предмет на определени можни евентуални истраги или кривични предмети“, подвлече тој.
Сепак, истиот ден, Филипче, појаснувајќи ја одлуката на Извршниот одбор за иницирање постапка за исклучување на Петре Шилегов од членство во партијата, изјави дека таа е донесена со консензус откога, по сите нивни проверки и информации, заклучиле дека станува збор за процес за одработување за ВМРО-ДПМНЕ и обид за внатрешна поделба на партијата.