
Работници се спречени да дојдат на протестот поради закани, но не ви се плашиме. Ова е пораката што претседателот на Сојузот на синдикати (ССМ), Слободан Трендафилов ја упати пред присутните на работничкиот протест пред Владата.
Протестот денеска во 12:05 часот почна пред Работничкиот дом во Скопје, продолжи пред Собранието, за на крајот да заврши пред зградата на Владата. Барањата, како што вели Трендафилов, остануваат исти – минимална плата од 600 евра и зголемување на сите работнички плати за 6 000 денари.
„Голем број работници денеска се спречени да дојдат зашто им се закануваат. Ги уценуваат со губење на нивните работни места и губење на нивната плата. Но, без оглед на тоа, не ви се плашиме. Дојдовме за зголемување на платите и пак ќе дојдеме“, рече тој.
Им порача на владините претставници дека не треба да се плашат од народот, од работниците, оти ова е работнички протест, организиран од работниците за работниците.
„Никој тука нема политички амбиции. Се бориме за зголемување на работничките плати“, вели претседателот на ССМ.