
Повредните во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ денеска се натпреваруваа на кошарски терен, а по тој повод на отварањето на натпреварот присуствуваше министерот за здравство, Азир Алиу и директорката на Општата болница во Кочани, Катерина Паниќ-Мирчовска.
Министерот за здравство, Алиу истакна дека во рамките на одбележувањето на годишнината од трагедијата во Кочани Владата организира неколку настани, меѓу кои и кошаркарскиот натпревар меѓу повредените млади луѓе, кои се лекуваа во земјата и странство. Посочи дека идејата за спортскиот натпревар произлегува од младите, а е поддржана од директорката на Општата болница во Кочани и Општината.
Тој додаде дека Владата и државните институции мора да помогнат и да инвестираат во опоравување на повредените млади луѓе од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“.
Алиу вели дека државата е свесна за потребите на повредените млади луѓе. Прашан дали и ова лето повредените ќе имаат рехабилитација во одморалиштето на Министерството за внатрешни работи на планината Пониква, Алиу одговори дека одлуката ќе зависи од лекарите, експертите кои ја следат рехабилитацијата на повредените.
“Ние, како министерство за здравство дефинитивно ќе поддржиме и ќе бидеме дел од стручните служби кои што ги пружат”, рече Алиу.
Што се однесува за реевалуцијата на здравствената состојба на повредените од тимови на лекари специјалисти, Паниќ-Мирчовска рече дека тоа е процес кој што ќе продолжи и наредниот период и се прават на секои шест или седум месеци.
“Некои работат активно, во моментов тоа го прават дерматолозите, пулмолозите, секако не се заборавени и од хирурзите”, рече Паниќ-Мирчовска.
Таа истакна дека вчерашната Меѓународна конференција е корисна, бидејќи се слушале стручни мислиња од лекари специјалисти од странски Центри за изгореници.