Реакции на прашањето за интеграција во ЕУ без право на глас

Доколку се оствари сценариото земјава да стане членка на Унијата во 2027 но без право на глас, Бугарија нема да може понатаму да условува и да стави ново вето, вели премиерот Мицкоски.

Ваквата идеја која веќе се разгледувала во Брисел е дел од еден поширок план поврзан со мировната иницијатива за Украина и според Мицкоски предвидува заедно со Украина членки на ЕУ да станат и Македонија, Албанија и Црна Гора, но со ограничени права. Односно да можат да учествуваат во работата на Советот, комисиите и телата на Унијата, но без право на глас.

Условите би биле владеење на правото и усогласување со надворешната политика на Унијата, а Македонија би имала и трет услов – донесување на уставните измени.

“Поделба на земјите од прва и втора лига во Унијата не треба да има. Тоа не е добар пристап и може да го доведе во прашање процесот на интеграција”, порачаа од Паневропската Унија во чија организација денеска во Скопје одржаа конференција посветена на европската иднина на Западен Балкан, а од која премиерот Мицкоски порача дека на Македонија и се врши европски булинг за членство во Унијата.

Опозицискиот лидер Филипче со критики до Власта дека ја турка земјата во изолација. Во статус на Фејсбук порачува дека над 70 проценти од граѓаните сакаат во ЕУ и дека единствениот булинг е оној кој ВМРО-ДПМНЕ му го прави на македонскиот народ.

Од Канцеларијата на ЕУ во земјава за Канал 5 велат дека не сакаат да коментираат шпекулации и дека процесот на пристапување кон ЕУ е јасно воспоставен.

Comments

No comments yet. Why don’t you start the discussion?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *