
Опозициската СДСМ соопшти дека нацрт-извештајот на известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајс, претставува потврда дека процесот на пристапување на земјата кон Европската Унија е запрен и дека нема напредок во клучните реформски области.
Во партиското соопштение се наведува дека во документот се констатира застој во реформите, особено во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата.
„Процесот на пристапување е сопрен – ова не е оценка на опозицијата, туку официјален став од овој извештај“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека извештајот испраќа порака дека напредокот кон ЕУ е можен само доколку има вистински реформи и почитување на владеењето на правото. СДСМ ја обвинува Владата дека, според нив, не спроведува реформи и дека земјата ја води во изолација. Во соопштението се наведуваат и тврдења за сомнителни тендери, како и критики за состојбата во правосудството.