
Инспекторите од Инспекторатот за употреба на јазиците и денеска влегле во Министерството за правда. Правда им ги дале сите документи кои ги побарале за вонредниот инспекциски надзор за полагањето на правосудниот испит.
Иако соработува, за Министерството овој вонреден инспекциски надзор е незаконски, за што веќе испратиле допис до Инспекторатот. Правда смета дека направени се суштински пропусти бидејќи не постои официјална иницијатива, туку само петиција од студенти. Дополнително, не постои ниту писмена наредба од директорот на Инспекторатот.
Директорот на Инспекторатот, Асрим Идризи денеска не одговори на повиците за да одговори што откриле. Во меѓувреме, претседателката на државата одговарајќи на новинарско прашање рече дека Уставот и Законите не смеат да се толкуваат по партиска директива.