
Кандидатот за државен јавен обвинител Владимир Панчевски кој вчера единствено доби едногласно негативно мислење од Советот на јавни обвинители и на својот фејсбук-профил најави кривична пријава, формално нема да ја поднесе, туку очекува институциите по допрен глас да реагираат.
„Поднесена е! Мислам во време на информатичка технологија илузорно е да зборуваме за хартиена форма. Јас кажав што имам да кажам, институциите на системот по допрен глас треба да се самоуапсат!“, одговори Панчевски.
На дополнително прашање дали мисли на таа кривична пријава што ја објави на неговиот фејсбук-статус, тој дополнува „Во ера на електронски комуникации и широки овластувања на Министерството за внатрешни работи и Јавно обвинителство сметам дека прашањето ви е неумесно“, додава тој.
Во објава на Фејсбук, Панчевски тврди дека членовите на Советот ја искористиле службената положба и ги пречекориле законските овластувања спротивно на член 62 став 1 алинеја 1 од Законот за јавно обвинителство. Тој ја повика Владата да ја поништи постапката, посочувајќи дека Советот нема надлежност да врши автентично толкување на закони, туку само да ги применува.
Според толкувањето на Советот, кандидатот мора да има активен стаж непосредно до денот на пријавата, додека, Панчевски тврди дека законот бара само стекнат вкупен стаж. Претседателот на Советот на јавни обвинители Башким Бесими во разговор за „Слободен печат“ вели дека негово право е да поднесе кривична пријава и тврди дека тие постапувале законски.