Владата нема да набави нов авион

Владата ќе се повлече од планот за набавка на нов државен авион, по серијата јавни критики за наводно луксузирање и злоупотреба на постојниот владин воздухоплов.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека иако на средбите со лидерот на СДСМ, Венко Филипче било договорено да не се критикува одлуката за набавка на нов авион, кој би се користел и во иднина од други влади, но и за хуманитарни мисии, тие сепак не останеле на нивниот збор.

„Ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и починеме, претпоставувам дека ќе стане јасно дека дебатата за некоја идна влада и идни премиери е беспредметна“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по конференцијата за формализирање на неформалната економија.

Премиерот посочи дека авионот го користел четири пати, а како пример го наведе враќањето од Сплит во август минатата година, кога го пропуштил летот на „Кроација ерлајнс“.

„До Хрватска отпатував со комерцијален лет на ‘Кроација ерлајнс’. По обврската со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ го продолжив одморот за уште еден ден. Го пропуштив повратниот лет, а следниот ден имав неодложни обврски. Поради тоа владините служби го испратија воздухопловот да ме врати во Скопје“, објасни премиерот.

Comments

No comments yet. Why don’t you start the discussion?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *