Преговорите во рамките на ВРЕДИ завршуваат

Финишираат преговорите за тоа кој ќе застане на чело на „Вреди“ кога таа од коалиција ќе премине во партија, но и колкав дел од раководните структури и владините функции ќе им припадне на секој од партнерите: Меџити, Касами, Сали, Фетаи и Ќоку.

Извор од крилото на Меџити вели дека договор треба да се очекува во наредните два до три дена. Со обединувањето на „Вреди“, лидерите очекуваат подобри позиции за преговори во Владата, но и во албанскиот политички блок.

Според последните информации, Меџити и Касами веќе се согласни за копретседателство, односно идната партија да има двајца претседатели.

Демократско движење и БЕСА би добиле по 35 отсто учество во партијата и во извршната власт. Останатите 30 отсто би ги делеле Алтернатива, крилото на Алијанса на Фетаи и Самоопределување. Но, ваква согласност сè уште нема од помалите партнери. Поранешниот лидер на Алтернатива и собраниски спикер вели дека е добро „Вреди“ да стане партија.

„Му давам отворена поддршка на лидерот Беким Сали да одлучува во однос на спојувањето на ‘Вреди’ во партија. Се работи за четири партии со различна хронологија, но ‘Вреди’ стана тоа што е поради два принципа: рамноправност и одлучување со консензус. Мислам дека тоа се два принципа кои треба да се задржат и во новата партија“, брифираше Гаши за тоа кој модел на лидерство му е потребен на „Вреди“.

Тој одбегнува да одговори дали ова значи дека Алтернатива е против копретседателството на Меџити и Касами и дали за нив е поприфатливо ротирачко претседателство. Гаши не смета дека Алтернатива треба да ги распушти органите, бидејќи и онака јавните настапи веќе не се партиски, туку како „Вреди“.

Comments

No comments yet. Why don’t you start the discussion?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *