
Обилните дождови во текот на ноќта предизвикаа поплави на повеќе локации во Кичевско. Според извештајот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Зајашка Река се излеала на улица „Прилепска“ во Кичево, поплавувајќи повеќе куќи. Околу 180 лица се евакуирани и згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.
„Според досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. На терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, Јавното претпријатие ‘Комуналец’ и други надлежни служби. Известени се градоначалникот на Општина Кичево и Дирекцијата за заштита и спасување“, информираат од ЦУК.
Утринава била доставена храна и вода за евакуираните граѓани со помош на тимовите на Црвениот крст, а од Скопје се испратени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош. Во поплавите се опфатени и објекти на кичевската болница, како и подрумски простории во населбата Подварош.
Од ЦУК информираат дека во Скопскиот Регион се добиени повеќе пријави од граѓани за поплавени дворови и подруми во рамки на општините Гази Баба, Сарај, Бутел и се преземаат мерки за санирање на последиците. Поплави се пријавени и во Гостиварско. Зафатени се куќи во село Беловиште и во населбите Циглана и Бањечница.
Во Тетовско засега нема зголемување на нивото на реките и не се очекува нивно излевање, но пријавено е свлечиште на патниот правец Тетово-село Џермо, поради што патот е блокиран. Дополнително, од 7:45 часот утринава на патот Тетово-Попова Шапка е воведена забрана за товарни возила и автобуси поради врнежи од снег.