
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривична пријава поднесена од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица од Скопје. Според МВР, се работи за Б.Д.(33), М.Д.(29) и С.Е. (25), сите од Скопје.
Како што информира Јавното обвинителство, постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело злосторничко здружување и кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
По наредба на Основниот кривичен суд Скопје, а под раководство на јавниот обвинител од ОЈО ГОКК вчера беа извршени претреси на домови и други простории на повеќе локации во Скопје.
При претресите беа пронајдени и одземени автоматска пушка со две рамки и 44 куршуми, два пиштола со три рамки и 14 куршуми, една ловна пушка, една воздушна пушка, една рачна димна бомба, муниција од различен вид и калибар и други доказни материјали.
По предлог на надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка на осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена, поради постоење на законските основи предвидени во Законот за кривична постапка.