
Македонија останува цврсто определена на патот кон ЕУ – шефицата на државата ќе треба да ја објасни својата изјава. Ова го порача заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски.
На прашање за изјавата на Сиљановска Давкова дека Македонија треба да се апстрахира од како што рече таа – измислениот пат кон Брисел, Димитровски не сакаше да коментира, но кратко порача дека земјата нема друга алтернатива.
“Таа ќе треба да објасни што точно мислела, меѓутоа, во секој случај, ние остануваме цврсто определени кон евроинтеграциите, нема Македонија друг пат. Нашиот европски пат е недвосмислен и без алтернатива. Тоа можам да го соопштам во име на МНР и сигурен сум и на Владата. Исто мислам дека го мисли и претседателката , но сепак таа ќе треба да објасни во кој контекст ги дала своите изјави”, изјави Димитровски.
Давкова во интервју за МКД, во контекст на политизација на прашањето за евроинтеграциите на регионот, порача дека Македонија треба да се апстрахира од статусот членство.
“Политизацијата на прашањето на евроинтеграциите на Западен Балкан станува сѐ поочигледна, наспроти принципите и исполнувањето на пропишаните услови. Како да се бориме со тоа, што можеме реално да направиме?
Така што ќе направиме нешто што одамна требаше да го направиме – да се апстрахираме од статусот „членство“. Да се апстрахираме од измислениот пат кон Брисел и да се фокусираме на суштината – европеизација, да се самоевропеизираме. Не како политичка цел, туку како темелна претпоставка за ЕУ како еден демократски политички систем, суи генерис политички ентитет. Основна предност на тој ентитет е што може да извезува демократија, модел на демократски политички систем”, изјави Давкова.