Нови реакции на прашањето за платите

Платите на над илјада функционери би требало да се зголемат со редовното законско усогласување во март, освен ако тоа не биде запрено со измени во Собранието со кои ќе се „замрзнат“ или ќе се намалат коефициентите за пресметка на функционерските плати, како што беше случај во 2024 и 2025 година.

Тоа би значело дека и во услови кога расте просечната плата, функционерските плати не би пораснале.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека одлука засега не е донесена и ќе се чекаат статистичките податоци за просечната годишна плата за 2025 година што Државниот завод за статистика (ДЗС) ги објавува во февруари.

И министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска не даде конкретен одговор на прашањето дали ќе се зголемат платите на избраните и именуваните лица. Но, пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) покажале дека со законското усогласување, функционерите би добиле повисоки плати за околу 220 – 250 евра.

„Ќе ги чекаме пред влезовите на Собранието за да ги прашаме како не им е срам да го чуваат цела година предлогот на ССМ во фиока и да не ги зголемуваат ниту минималната, ниту останатите работнички плати. И да ги прашаме како не им е срам затоа што не поднесоа предлог во Собранието за намалување на функционерските плати, дури ни за замрзнување на истите“, рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Comments

No comments yet. Why don’t you start the discussion?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *