
Министерството за внатрешни работи издаде предупредување до јавноста дека во тек е фишинг кампања чија цел е да ги измами граѓаните со лажни СМС-пораки наводно испратени од системот „Сејф сити“ за сообраќајни прекршоци.
СМС-пораките содржат лажни информации дека дотичниот граѓанин сторил сообраќаен прекршок, проследени со злонамерен линк за да ја плати лажната казна, преку кој измамниците ги злоупотребуваат личните податоци на граѓаните за да ги испразнат нивните платежни картички или банкарски сметки.
Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани да бидат исклучително внимателни и да не отвораат сомнителни линкови испратени од сомнителни телефонски броеви, додавајќи дека системот „Безбеден град“ секогаш испраќа порака од сервер со име „MVR-SC“, додека линкот треба да биде во формат „https://safecountry.mvr.gov.mk…“.