
Наместо вообичаената донација на техника и телевизори, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на врховен командант на АРМ, при посетата на велешката касарна „Алексо Демниевски-Бауман“ на припадниците на АРМ и на Командата за обука и доктрина им подари стотина книги белетристика.
Традиционално, со децении наназад, претседателите на државата во својство на врховен командант на Армијата, на првиот ден од Новата година посетуваат некоја воена единица во земјата.
„Книгите се мојот живот, нема поголем пријател од книгата. Учените луѓе и луѓето кои читаат се толерантни. Ќе ве насмеам, јас дури подарувам книги и на свадби. Знам дека е чудно, но тоа личи на мене и сметам дека тоа е најкорисно во нивниот живот“, кажа Сиљановска-Давкова.
Таа ја најави и реконструкцијата на Домот на АРМ во Скопје, каде што е сместена воената библиотека. Претседателката вели дека Армијата ужива најголема доверба кај граѓаните токму поради почитувањето на редот и поредокот. Претседателката имаше обраќање и пред новите 300 професионални војници на АРМ, кои кон средината на јануари ќе дадат свечена заклетва.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова очекува земјава годинава да продолжи да се развива, да го продолжи реформскиот процес во повеќе области за да се избегнат системските слабости, да се работи на владеењето на правото, но и на вложувањето во образованието, науката и културата, во кои како што вели можеме да бидеме поголеми од најголемите.