
Коцевски претходно денеска преку итен допис до Собранието ја поднесе оставката, нагласувајќи дека од функцијата заминува со крената глава.
„Од почетокот тврдев дека евентуалната постапка за мое разрешување е политичка одлука и затоа денеска поднесов неотповиклива оставка од функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија“, истакна тој.
Обвинителот посочи дека постапката за негово разрешување била правно неиздржана и дека причината за разрешувањето била тоа што јавно зборувал за лошите услови за работа и барал од извршната власт да ги подобри условите за функционирање на Обвинителството.
„Сето ова се случуваше во услови кога извршната власт не ни обезбеди никакви услови за работа. Предлогот за мое разрешување верувам дека ќе се најде во следниот извештај на Европската комисија“, рече Коцевски.
Коцевски, во изјавата за медиумите во заградата на Јавното обвинителство, рече дека од функцијата заминува со гордо крената глава, но и со разочараност поради, како што наведе, очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава.
Доказ за тоа, рече, е и тоа што поканата за негово присуство ја добил еден час пред собраниската седница, а предлогот за негово разрешување воопшто не му бил доставен и не знаел на што треба да се произнесе.