
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нема да присуствуваат на седницата на Анкетната комисија во Собранието за случајот со пожарот во Кочани, закажана за вторник околу пладне.
Од ВМРО-ДПМНЕ кратко информираа дека премиерот Мицкоски нема да присуствува на седницата, додека Министерството за внатрешни работи информираше дека Тошковски е спречен да присуствува на неа поради други однапред закажани обврски, односно службено патување во Брисел.
Од кабинетот на претседателката Гордана Силјановска Давкова сè уште не одговориле дали таа ќе присуствува на седницата. Од Левица, чиј лидер [Димитар Апасиев] претседава со Анкетната комисија, очекуваат сите што се поканети да присуствуваат на седницата.
„Да не биде ова уште еден институционален срам. Роднините на жртвите од трагедијата доаѓаат да проговорат за она што државата го игнорира веќе некое време. Најмалку што можат да направат државните функционери е да дојдат на седницата и да им погледнат во очи на луѓето што ги загубија своите најблиски во пожарот. Секое понатамошно избегнување на седниците на овој комитет ќе биде уште еден удар врз болката и достоинството на овие луѓе“, реагираа од Левица.