
Судењето за случајот со пожарот во Кочани продолжи во просториите на Кривичниот суд во затворот Идризово во Скопјe. На рочиштето, тројца од обвинетите во овој случај, градежни инспектори од Кочани, се изјаснија за невини по обвиненијата против нив.
Тие тврдеа дека причина за пожарот во ноќниот клуб на 16 март била пиротехниката, а не наводни грешки или недостатоци во изградбата на објектот. Според нив, градежните инспектори се одговорни само за проверка на евентуални промени во изградбата на објектот, а не и во неговата внатрешност.
Поранешните градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски, Љупчо Папазов и Николчо Илијев, исто така се изјаснија за невини, тврдејќи дека немале овластување да интервенираат околу евентуални наводни неправилности во зградата каде што се наоѓал ноќниот клуб, и го посочија прстот кон други институции, како што се Државниот градежен инспекторат, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи.
Пред почетокот на рочиштето, роднините на жртвите и повредените во трагедијата организираа „пречек“ за обвинетите надвор од судницата, покажувајќи голем транспарент со слики од сите 63 жртви, како револт кон обвинетите кои се изјаснија за невини на претходното рочиште.