
Адвокатите Јордан Апостолски и Наташа Бошковска, како и професорот Сашо Ѓеоргиевски се тројцата кандидати кои се во трката за судија во Европскиот суд за човекови права. Тие ќе бидат испратени на разгледување до експертскиот панел на Советот на Европа.
Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, рече дека одлуката е донесена врз основа на критериуми за висок морален углед, квалификации за судиска функција и признат правнички углед.
Покрај избраните, меѓу кандидатите биле Оља Ристова, Тони Менкиноски, Наташа Габер, Александар Даштевски, Али Алиу, Илир Исени, Јелена Ристиќ и Ана Дангова Хуг. Гласањето било тајно и двајца од кандидатите добиле по пет гласа, а еден кандидат четири гласа.
Имињата на тројцата кандидати до крајот на неделата треба да бидат испратени до експертскиот панел на Советот на Европа, кој ќе ја даде конечната оценка.
Од Уставен рекоа дека Комисијата постапувала согласно насоките на Антикорупциска, која претходно имаше замерки за можен судир на интереси. Костадиновски нагласи дека по одлуката на ДКСК, дел од членовите за кои било побарано изземање, се изземале од гласање за одредени кандидати.