
Пратениците на СДСМ и Коалицијата поднесоа предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Предлогот следи по протестот во Скопје, каде семејствата на загинатите побараа независна истрага, со цел да излезе вистината на виделина. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги повика пратениците да ја поддржат иницијативата.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во изјава за медиумите рече дека ги прифаќаат барањата за надзорна расправа и Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, но да биде проширена и со другите трагедии.
„Во Собранието треба да се постават прашања и за модуларната клиника, за Дурмо турс и за сите оние трагедии коишто го снајдоа овој народ“, рече Стојаноски.
Димитар Апасиев од Левица, претседател на Постојаната анкетна комисија, најави дека следната недела ќе закаже посебна седница за трагедијата во Кочани.
На седницата ќе се разгледува претставката од „Здружението 16-ти Март“.