
Коментарите на Мицкоски дека исплатите од ИПАРД III биле привремено запрени по негово барање, СДСМ ги оцени како смешни.
Како што истакнува партијата, ниту премиерот, ниту министерот, ниту партијата не можат да го прават тоа според закон и постапка, односно тоа го прави Националниот службеник за овластување, кој, и покрај тоа што дејствува во рамките на Министерството за финансии, работи независно според правилата и стандардите пропишани од ЕУ.
Тоа значи дека службеникот не постапува по наредба од Владата или Мицкоски, туку исклучиво по сигнал од ЕК или по внатрешна проценка на ризикот во врска со системот за контрола на плаќањата, нагласува партијата на Филипче.
Како одговор, од ВМРО рекоа дека СДСМ лаже, посочувајќи на изјавата на Делегацијата на ЕУ дека ја поздравува одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД III.