
Кадар на „Вреди“ ќе раководи со Министерството за здравство по заминувањето на Арбен Таравари од владата, потврди тетовскиот градоначалник, Биљал Касами.
Откако вчера најавуваше можност за смена со ВМРО-ДПМНЕ со Образование, денеска вели дека во моментов нема таков договор.
„Министерството за здравство беше побарано од нас и поради тоа што, член на досегашната коалиција беше Арбен Таравари, тој го побара тоа како ресор. Сега со неговото заминување ние сме подготвени да разговараме и за такви комбинации, но нема преговори во делот на владата за рокади во моментов. Сè додека нема нова ситуација, сите позиции кои беа досега, остануваат во „Вреди““, изјави Биљал Касами.
Министерот за животна средина, пак, изјави дека нема никакви проблеми со работењето на владата по заминувањето на Алијанса за Албанците. За барањето на ДУИ за предвремени избори, повторија дека единствени избори што ќе се одржат се локалните. Бараат одговор од Таравари, со што е уценет за да си замине од владата?
„Мора јавно да одговори со што е уценет од криминалното дуо СДС и ДУИ. Дојде на власт со ветување пред граѓаните дека заедно ќе ги испратиме ДУИ во опозиција. Што се случи за само 10 месеци, за Таравари повторно да се врати во прегратките на ДУИ? – Неговото неразумно однесување мора да се должи на уцена и диктат на криминалното дуо СДС и ДУИ“, изјави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Алијанса за Албанците ги отфрлаат обвинувањата.
„Самиот факт што ја напуштивме владата по своја волја, јасно покажува колку малку сме корумпирани, а можеби тоа е незамисливо за некои партии на власт“, велат од Алијанса за Албанците.