Спикерот Џафери настојува на почитување на Пржинскиот договор пред одредување на датумот за избори

Партиите да внимаваат на законските обврски од Пржинскиот договор кога шпекулираат за датум за избори, вели собранискиот спикер Талат Џафери.

Како што посочи вчерашното интервју на ТВ 21, според актуелниот закон во последните 100 дена од мандатот треба да се формира техничка влада, а прв можен датум за парламентарни избори според него е околу 5 мај. Техничкиот премиер, вели, нема да биде од опозицијата, но ќе биде Албанец согласно договорот меѓу СДСМ и ДУИ.

За избор на претседател во прв круг, како што кажа, потребно е да гласаат 50 проценти од бројот на запишани гласачи, а доколку нема цензус изборите се повторуваат.

“Сите што прават математика за парламентарните избори во 2024 година треба да имаат предвид дека за парламентарните избори, без разлика дали се редовни, мора да има техничка влада 100 дена пред 5 мај. Техничката влада треба да биде во последната недела од јануари. Договорот од Пржино е во сила и ќе има технички премиер, во врска со тоа ќе биде премиер Албанец”, изјави Џафери.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, власта калкулира за одржување на одвоени избори, претседателски во март, а парламентарни во јуни. Тој упати повик до членовите на СДСМ кои не се согласуваат со политиките на актуелното раководство да им се придружат.

“Упатувам порака до сите чесни членови на СДСМ и до раководството коешто не се согласува со политиките на овие малкумина кои моментално се раководство на СДСМ, да не бидат измеќари на ДУИ. Ја слушнавте вчера изјавата на Талат Џафери, која е целта. Џафери диригира, а Ковачевски, Зечевиќ, Спасовски, Пендаровски играат. Тоа шти тие го заговараат се избори претседателски во март, парламентарни во јуни”, изјави Мицкоски во Лозово.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*