ДУИ се повлече од уставните измени, тврдат од опозицискиот фронт, додавајќи дека албанската владејачка партија има приоритет да ја задржи својата позиција и по изборите.
Тие рекоа дека власта требало да ја информира претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета за плановите на ДУИ со Груевски, политичарот кој, како што рекоа, најмногу ја оддалечил земјава од ЕУ.
„Дали и кажавте дека ДУИ се повлече од уставните измени? Дали и кажавте дека во фокусот на ДУИ сега е да прави напори преку враќањето на Груевски да се пазари со ВМРО-ДПМНЕ, при што на маса ќе бидат донесени и пратениците на СДСМ? Дали Фон дер Лајен дозна дека ДУИ бара проширена влада по парламентарните избори за да го зачува нелегално стекнатиот капитал?“, рече Башким Асани, Демократско движење, Опозициски фронт.
Опозицискиот фронт останува отворен за соработка со Алијанса за Албанците пред изборите следната година, но досега немало средби.
„Имаше покана, јавна и официјална од Фронтот за соработка, но немаше средби. Колку што можам да ги видам нивните структури и активисти, интересот е голем“, додава Асани.
Опозицискиот фронт составен од Алтернатива, Беса и Демократско движење ќе се натпреварува како коалиција на претстојните избори, вклучувајќи ги и претседателските, со нивен заеднички кандидат.