Во Битола не смее да има клуб со име на фашист, порача пејачот Ламбе Алабаковски, а одбраната му возврати со: „Пироман!“.
Во Основниот суд во Битола денеска се одржа првото рочиште против Љупчо Георгиевски, претседател на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. Георгиевски е обвинет за предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем.
Алабаковски кажа дека во срцето на Македонија, во Битола, не смее да има клуб со име на докажан фашист каков што беше Ванчо Михајлов, за што бранителот на Ѓоргиевски, адвокатот Насер Рауфи, изјави дека сведокот е недоличен, пироман, човек кој го опожари клубот во Битола.
Георгиевски се изјасни дека не се чувствува виновен. Следното рочиште е на 18 декември. Тогаш треба да се сослушаат сведоците на обвинителството Горан Садикарио и на одбраната Георги Црномаров и Благој Шаторов, секретар на згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“, за кого адвокатот кажа дека заминал во Бугарија.
Инаку, Алабаковски во знак на револт ја запали влезната врата од клубот за што доби условна казна затвор од шест месеци.