Нино Васев, поранешниот директор на Клиниката за онкологија, денеска даваше исказ пред собраниската Анкетна комисија, формирана со цел да ги истражи евентуалните злоупотреби со биолошката терапија што им била давана на пациентите болни од рак, а за која пишуваа медиумите.
Иако на Васев му беа поставени голем број прашања за набавката на терапијата, за КАТО системот и за начинот на кој биле третирани пациентите, тој не даде прецизни одговори на прашањата.
Во однос на тоа зошто била набавувана терапија на реверс, слично каков што беше и исказот на поранешниот министер за здравство Венко Филипче, Васев рече дека дека не можел да дозволи да се прекине терапијата на пациентите.
Васев одговараше и зошто КАТО системот, со кој терапијата прецизно може да се дозира, не бил ставен во употреба. Тој рече дека тој систем немал изолатор, а подоцна се увидело и дека софтверот не е комплетно функционален.
На овој систем работеле осум сестри кои поради тоа што немало изолатор за жалеле на здравствени проблеми и барале да се отстрани, во спротивно дури се заканиле и дека ќе напуштат работа.
Досега на Анкетната комисија повикани беа и сведочеа бројни сегашни и поранешни министри за здравство, претставници на Фондот за здравство, Државниот здравствен и санитарен инспекторат, МАЛМЕД.
Оваа недела ќе се појават како сведоци и бројни вработени на Клиниката за онкологија.