Џафери: Поддршка на Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина

Како земја-кандидат за членство во Европската унија, Република Северна Македонија верува дека институциите на Европската унија ќе ја одржат перспективата на проширувањето на Унијата со сите останати земји-кандидати како кредибилен и визибилен процес базиран на заслуги, имајќи ги во предвид и актуелните геополитички безбедносни предизвици.

Ова го изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери во своето обраќање на вториот парламентарен Самит на Меѓународната Кримска платформа во Прага.

Во својот говор, Џафери се осврна на важноста од зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, го осуди одржувањето на нелегалните избори од страна на Руската Федерација на привремено окупираните територии на Украина, и ја нагласи потребата од доследно расветлување на грубите злоупотреби на човековите права, кршењето на меѓународното хуманитарно право и негирањето на граѓанските и политичките права од страна на Руската Федерација во Украина.

Претседавањето на Македонија со ОБСЕ годинава на централно место ги става луѓето, а состојбата во Украина е еден од главните приоритети.

Во тоа својство, вели Џафери, го осудивме одржувањето на нелегалните избори на привремено окупираните територии на Украина, вклучително и Автономната Република Крим и градот Севастопол, и воедно, нагласивме дека какви било избори во рамките на меѓународно признаените граници на Украина може да се одржат единствено во согласност со националното законодавство и меѓународните стандарди.

Од самиот почеток сум цврсто убеден дека стоиме на вистинската страна на историјата и дека нашата поддршка ќе биде многу значајна во ослободувањето на Крим и зачувувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*