Претседателот Ковачевски: Потребно е фер вреднување на работата на секого пред корекции на платите

Работната група која ќе работи на корекција на Законот за платите на функционерите треба да ги има на располагање сите аспекти бидејќи се работи за два закони со кои се регулираат платите на избраните и именувани лица и на пратениците.

Прво треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого, смета премиерот Димитар Ковачевски. Ковачевски вели дека сепак треба да се почека да биде подготвено решението од страна на работната група, а потоа ќе може да се разговара за него.

Во однос на вчерашната изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој изјави: „не мислам дека е за фалење кога политичарите велат оти не им е важна платата бидејќи со тоа на некој начин кажуваат дека не живеат само од платата“ , Ковачевски рече дека се согласува со него бидејќи луѓето работат за плата.

„Има некои што велат дека би работеле без плата, а јас не верувам во човек што би работел без плата. Имам 25-годишно работно искуство и не верувам во луѓе што се подготвени да работат без плата“, додаде Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши, кој денеска беше со премиерот Ковачевски во посета на компанијата, на прашањето дали се согласува да му биде намалена платата рече дека како член на Владата ќе го прифати решението кое ќе го донесе работната група.

„Ако работната група одлучи за некое намалување или замрзнување на платите, од моја страна ќе биде целосно поддржано како член на Влада“, рече Бектеши додавајќи дека неговите приходи се објавени во анкетниот лист.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*