Зајакнување на економските перформанси на земјите од регионот, поттик за продолжување на реформите и јасен повик за надминување на споровите низ дијалог – тоа се пораките од самитот на Берлинскиот процес кој денеска се одржува во Тирана.
„Верувам дека со тоа што Самитот се одржува овде пренесува моќна порака за тоа колку сме посветени на проширувањето. Една од главните теми ќе биде економијата на Западен Балкан, тука можеме да се подобриме. Затоа го воведов планот за раст. Сакаме да им овозможиме пристап до заедничкиот европски пазар. За ова ни требаат реформи во Западен Балкан и оние кои имаат волја за реформи ќе добијат средства од Европската Унија. Тоа е стимул за оние кои навистина сакаат да одат напред, да ја подобрат економијата. Нашите врати се отворени, па ајде да работиме за напредок со овој план за развој“, истакна Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.
Неизбежно прашање беше и невралгичната точка во овој дел од Европа – односите меѓу Србија и Косово кои наместо деескалација бележат континуирано заострување. Германија, земјата иницијатор на Берлинскиот процес, е јасна – неопходно е смирување на состојбата.
„Време е да се надминат конфликтите кои предолго ги задржуваа и блокираа вашите земји. Неодамнешните ескалации на северот на Косово докажаа колку е тоа важно“, вели германскиот канцелар Олаф Шолц.
Германската канцеларка ја истакна Северна Македонија како земја која мора да биде наградена за нејзините напори да се приближи до ЕУ.
Премиерот Димитар Ковачевски по настанот рече дека оние кои ќе донесат одлуки и ќе спроведат реформи први ќе влезат во ЕУ.
Премиерот на прес-конференција зборуваше и за важноста на двете работни сесии во рамките на Самитот, како и за недвосмислената поддршка на лидерите на ЕУ за интеграција на Западниот Балкан.