За ова прашање лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски бараше лидерска средба, но премиерот Димитар Ковачевски возврати со понуда за работна група во која ќе има претставници од партиите, а ваквиот предлог за опозицијата беше прифатлив.
На денешната координација на претседателите на пратеничките групи во Собранието, која ја свика спикерот Талат Џафери, темата повторно била покрената. Како што информираа од Кабинетот на претседателот на Собранието, Џафери им ги појаснил на пратениците законските процедури за распишување на избори, како и можните датуми за организирање претседателски и парламентарни избори.
Неофицијално, тој повторил дека евентуални двојни избори во редовен термин би можеле да се организираат единствено на петти мај. Од неговиот Кабинет истакнаа дека засега до него нема официјално барање од ниту една политичка партија за формирање специјална работна група која ќе договара кога да се одржат изборите и им порачал на претставниците на партиите сите варијанти да им ги пренесат на своите лидери.
Во меѓувреме, од опозицијата чекаат првиот чекор да го направи власта. ВМРО-ДПМНЕ досега неколку пати повика парламентарните избори да се одржат што поскоро, а доколку не бидат предвремени и тоа оваа есен, тогаш наредната година да се одржат заедно со претседателските.
„Уште чекаме да се остварат првичните контакти од страна на СДС и ние сме подготвени да разговараме, а кога ќе има било каков почеток на разговорите ќе ја информираме јавноста подетално“, рече Марија Митева – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
И од опозициската партија „Демократско движење“ бараат парламентарни избори да има што поскоро, без разлика дали ќе бидат заедно со претседалските избори или не. Од партијата најавија дека би учествувале во евентуалната работна група.
„Ние сме подготвени дури и од утре да се почне таа постапка за иницирање и организирање на изборите. Ќе учествуваме во тие работни групи за што поскоро да се организираат изборите. Тоа го бараме ние како политички субјект“, рече Фари Исени – Демократско движење.