Украина и заштитата на украинскиот народ како приоритет на ОБСЕ, конкретните активности кои ОБСЕ Програмата за поддршка на Украина ги презема на терен, состојбата на тројцата припадници на ОБСЕ кои се во затвор во Доњецк и во Луганск беа дел од темите на средбата на Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.
Османи и Кулеба на средбата во Киев разговараа и за што може ОБСЕ дополнително да направи за поддршка на земјата која се соочува со руската воена агресија.
По средбата, на заедничката прес-конференција, Османи истакна: „Во јануари, за време на мојата прва посета на Украина како Претседавач со ОБСЕ, реков дека вашата храброст и пожртвуваност ја заслужуваат нашата најголема почит. Инспириран од вашата издржливост, денес сум уверен дека ќе победите. Украина ќе победи“.
Османи додаде дека Програмата за поддршка на Украина, финансирана од донатори, а која се спроведува од ноември 2022 година, ќе продолжи да и помага на Украина, преку имплементација на проекти приспособени на нејзините специфични потреби.
Украина останува централен приоритет за Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, рече Османи, а состојбата во Украина ќе биде и една од главните теми на Министерскиот совет на ОБСЕ што ќе се одржува во декември во Скопје.