Немал никакви притисоци ниту пак е задоцнета предистражната постапка за скандалот на Онкологија. Вака јавниот обвинител Љубомир Јовески им одговори на членовите на собраниската Комисија за финансисрање и буџет презентирајќи дека за случајот имаат многу обемна документација.
На почетокот од обраќањето ги искара пратениците дека обвинителството не е монета за поткусурување и полемизираат за ревизорски извештај што бил дел од доказите. Јовески од говорницата порача дека ќе ги вложат сите напори да го расчистат случајот и ако има виновници да одговараат.
“Еден дел од медицинските истории се веќе издвоени поради сомненија за несовесно лекување и тие ќе се вештачат од независна релевантна институција. Се водат и финансиски истраги за одредени лица”, вели Љубомир Јовески, јавен обвинител.
Дискусијата на Комисијата во поголем дел беше со препукувања и повишување на тоновите меѓу пратениците и од власта и од опозицијата.
“Дувло на криминалци со чест на исклучоци. Зошто да дозволам некој колега да ми ја брука фелата и да стане милјардер а ти овде да го браниш. Нема бранење и нема зошто мене да ме обвинувате. Тоа таму било организиран криминал и точка”, вели Дафина Стојановска – ВМРО-ДПМНЕ.
“Ниту некој крие нешто, ниту некој сака да брани нешто што ако е направено е грозоморен чин, зар мислите има таков будала да брани такво нешто”, вели Диме Велковски – СДСМ.