Со повици за сплотеност, заеднички одлуки и битка за подобро утре, државно-политичкиот врв го честиташе празникот 11 Октомври, Денот на народното востание.
На денешен ден македонскиот народ се обедини во народноослободителен фронт за слободна македонска држава, порача претседателот Стево Пендаровски.
“Со овој чин, македонскиот народ и македонските граѓани станаа дел од големата антихитлеровска коалиција. Слободољубивите мажи и жени од сите етнички, верски, социјални и идеолошки позадини се обединија во широк народноослободителен фронт во кој се бореа и изборија за слободна македонска држава во свет ослободен од злото на фашизмот”, Стево Пендаровски – претседател.
Благодарение на успехот од народно ослободителната борба постои денешна современа Македонија, целиот прогрес до денес е одраз на непокор, затоа сега може да се справиме со нови мудри одлуки- истакна премиерот Димитар Ковачевски од Спомен-костурницата во Куманово кадешто со владина делегација оддаде почит по повод Денот на народно востание, 11 Октомври.
“Ова не е битка со оружје и на бојни полиња, како партизанските и револуционерните борби. Но е, уште една серозна и важна битка што ние мораме да ја добиеме. И со тоа ќе се осигураме никој никогаш да не може да ги користи македонските идентитетски прашања, за свои или нечии туѓи цели. Членството во Европската Унија го потврдува, зацврстува и унапредува идентитетот. Таков е случајот со сите европски народи. Така ќе биде потврден, зацврстен, унапреден – со тоа и заштитен трајно и македонскиот идентитет во европски и светски рамки”, изјави Димитар Ковачевски – претседател на Влада.
На централната прослава во Куманово се обрати и градоначалникот Максим Димитриевски, кој повика на обедининување и консензус за државните одлуки.
“Денес по 82 години сме исправени пред нови искушенија. 11 Октомври претставува инспирација и поттик за надминување на сите поделби. За ова е потребен, почитувани мои, општ консензус на сите политички чинители, но пред се обединување на македонските граѓани и взаемно почитување на сите заедници”, изјави Максим Димитриевски – градоначалник на Куманово.
Раководството на ВМРО-ДПМНЕ празникот го одбележа во Прилеп, каде положија цвеќе на спомениците на народните херои. Важно е да се оддаде почит на хероите кои се спротивставија на бугарскиот фашистички окупатор и фашизмот во Македонија. Прилеп и Куманово ја започнаа таа битка што подоцна ја донесе слободата на Македонија.
Честит 11 Октомври, напиша лидерот на партијата Мицкоски на фејсбук.
Честитка упати и собранискиот спикер. Ужасните вести што ги слушаме од блиските и далечните региони се аларм и потсетник дека мирот е кревок и треба да се негува, да се чува и штити, внатре и надвор, сплотени и единствени, стои во честитката од Џафери.