Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи во рамки на својата посета на Туркменистан имаше средба со министерот за надворешни работи, Рашид Мередов со кого одржаа и заедничка прес-конференција.
Како што изјави Османи, на средбата со Мередов разговарале за теми од заеднички интерес поврзани со ОБСЕ, а се осврнале и на регионалните прашања што го засегаат Туркменистан и поширокиот регион на ОБСЕ.
Регионот на Централна Азија, пак, исто така е погоден и од економската и социјалната нестабилност во Авганистан, уште една ситуација за која е потребен заеднички одговор во рамки на ОБСЕ за ублажување на ризиците, рече Османи.
„ОБСЕ ќе продолжи да служи како единствена платформа за дијалог и ќе ги поддржи земјите-учеснички во справувањето со овие влијанија преку Рамката за акција на ОБСЕ како одговор на импликациите од ситуацијата во Авганистан за регионот на ОБСЕ“, истакна Османи на прес-конференцијата.