Спикерот Талат Џафери, кој треба да ги распише и едните и другите избори, вели дека можно решение е да не бидат во недела. Тој има намера да донесе законска одлука, независно дали и што би можеле да се договорат партиите.
“Законот и уставот не викаат дека по секоја цена денот за избори мора да биде недела. Вика во последните 90 дена. Тие може да одлучат било кој ден, но ако излегува тој ден надвор од уставните рамки, јас нема да го почитувам и ќе си го направам своето. Тоа мене не ме обврзува”, вели претседателот на собранието Талат Џафери.
Џафери не поддржува опција за избор на пратеници пред 5 мај, бидејќи тоа ќе значи предвремени избори, распуштање на Парламентот и други ризици.
“Ако се оди на предвремени парламентарни избори а да постои ризик до 5 мај, до последниот момент да не избереме претседател, ние имаме не само уставна криза – просто немате држава! Немате парламент, немате претседател на држава, имате само влада, или – монарх. И таа влада е во оставка, не е активна влада што може да работи”, изјави Џафери.