Постојано се зголемува бројот на наши државјани кои се пријавуваат дека се затечени во и околу загрозените подрачја во Израел.
Со сите пријавени се одржува постојан контакт од страна на амбасадата во Тел Авив, при што се преземаат подготвителни мерки за евентуална асистенција за нивната безбедна евакуација – информира македонското Министерство за надворешни работи.
Таму е оформен кризен штаб чија задача е да ги следи, координира и систематизира сите постапки поврзани со нашите државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, и на кои им биде потребна помош или асистенција за нивно безбедно евакуирање.
„Испратена е итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Република Северна Македонија во околните земји, за нивна посебна подготовка за евентуални активности и нивна 24 часовна достапност како за централата во Скопје, така и за евентуалната комуникација со граѓаните. Дипломатската мрежа е во контакт и со колегите од дипломатските претставништва на пријателските земји, кои исто така се во подготовка за организирана асистенција на затекнатите граѓани во и околу загрозените подрачја“ – се вели во соопштението од МНР.
МНР со повик до нашите граѓани во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје.
Инаку министерот Османи остварил разговор со неговиот израелски колега Ели Коен, кому му изразил сочувство за жртвите, осудувајќи го нападот на Хамас. Османи го реафирмирал ставот за итно ослободување на сите цивили кои се држат во заложништво од страна на Хамас, како и итно прекинување на било какви насилни дејствија врз Израел.