Во интервју за новиот број на неделникот „Фокус“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, го обвини министерот за правда Кренар Лога дека е во комуникација со нарко-кланови, на кои, според него, им ветувал дека со Законот за амнестија ќе им ги скрати затворските казни.
“Не е точно дека сме биле информирани, немаме никаква официјална комуникација одамна со ниедна владина институција, вклучително и Министерството за правда, и тоа е резултат на заклучок на седница одржана на Извршниот комитет на партијата. Можеби во занес, министерот (Кренар Лога) мисли дека ако ги информира осудените лица предмет на овој закон, па им ветува таму… До нас стигнуваат такви информации, тоа треба и вие како новинари да го проверите, дека е во континуирана комуникација со нарко-кланови во затвор, па им ветува дека со законот ќе им се скрати затворската казна, па мисли дека го информирал и ВМРО-ДПМНЕ. Се изгубил во просторот, но тоа е негов проблем. Нашиот став е принципиелен – овој закон нема да го поддржиме од причини што се однесува на лица осудени за кривични дела како насилство, перење пари, дилање дрога итн. Тоа се големи кривични престапи, а уште повеќе што осудени лица како оние двајца помагачи за грозоморниот злостор кај Смилковско езеро познат како „Монструм“ имаат можност да бидат амнестирани”, вели Мицкоски.
Уште од моето доаѓање како министер за правда вратите за соработка со ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски беа отворени. Тоа се докажува со факти, со тоа што ВМРО-ДПМНЕ ги имаше и ги има нацрт-верзиите на сите закони, пред да бидат доставени до Влада, соопшти денеска министерот за правда Кренар Лога, како реакција на интервјуто на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за „Фокус“.
Според Лога, невистината не му прави чест на Мицкоски, а немањето политичка аргументација и соодветна визија за политички лидер го тера да зборува „на празно“.
“Со овој факт Мицкоски е дотеран до ѕид, и изгледа лошо пред јавноста, бидејќи цело време е на мат позиција, како за Законот за амнестија така и за другите Закони. Лидер кој ја блокира перспективата на својот народ и својата земја, лидер без политичка надеж, без меѓународни пријатели, лидер кој не се оградил од политичкото наследство на Груевски не е алтернатива за иднината на европска Македонија”, посочува Лога.
Мицкоски во интеврјуто за „Фокус“ го обвини министерот за правда дека е во комуникација со нарко-кланови, на кои, според него, им ветувал дека со Законот за амнестија ќе им ги скрати затворските казни.