Молбите за помилување во Македонија ќе се доставуваат до претседателот преку Министерството за правда

Само правосилно осудените лица ќе можат да добијат милост од претседателот. Нема помилување за оние чии дела сеуште се во истражна постапка или во судница.

Вакво решение предлага Министерството за правда со новиот текст на Законот за помилување.

Претседателот Стево Пендаровски, чиј претставник учествуваше во подготовката на текстот, го поздрави ова решение како исполнување на неговата заложба за исклучување на аболицијата од правниот систем. Смета дека тоа ќе придонесе за зајакнување на судството и за функционирање на поделбата на власта.

“Конечно е вклучена заложбата да се оневозможи правото на шефот на државата да помилува лица за кои е во тек истражна или судска постапка, а нема правосилна пресуда. На овој начин ќе се овозможи кривичните судови да ја остварат во целост својата функција, а таа е во соодветна постапка да ја утврдат вината на обвинетите и да ги осудат виновните сторители на кривичните дела”, вели претседателот Пендаровски.

Молбите за помилување ќе се доставуваат до претседателот преку Министерството за правда. Тоа ќе бара податоци од затворите, од судовите, од Управата за санкции и од други институции.

Во Правда нема да има ниту комисија ниту тричлено одделение кое, како до сега, стручно ќе ги разгледува молбите. За судбината на сите молби годишно ќе биде составуван Извештај што Министерството ќе го доставува до Собранието најдоцна до 31-ви март наредната година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*