По наводите на мајката за нехуман третман на нејзиниот 17-годишен син кој бил со аутизам примен во Психијатриската болница во Демир Хисар, народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива за испитување на случајот.
Омбудсманот ќе бара од надлежните институции да се направи надзор над работата на болницата и информации како детето било третирано. Државниот советник во Народниот правобранител Бајрамовска-Мустафа вели дека не добиле директна претставка од родителот.
„Ќе бараме од надлежните органи да се направи надзор над работата на установата и секако ќе побараме соодветни информации за наодите на родителот изнесени преку медиумите за начинот на којшто детето беше третирано додека било сместено во установата“, изјави Васка Бајрамовска-Мустафа.
Од Психијатриската болница се огласија само со соопштение во кое се наведува дека лекарскиот колегиум одржал состанок за случајот со 17-годишниот пациент. Се отфрлаат наводите дека момчето било несоодветно третирано, односно малтретирано. Пациентот бил примен со писмена согласност од родителите.
„Разговарано е со персоналот од кого е добиена изјава дека врз него не е применет несоодветен третман. Констатирано е дека психофармаколошкиот третман е адекватен и со медицина базирана на докази. Редовно е остваруван контакт со семејството, кое редовно и континуирано е известувано за неговата состојба и третман и дека оваа установа не е соодветна за негово лекување“, велат од Психијатриската болница во Демир Хисар.