Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска од Охрид ја стартуваше акцијата насловена „Важно е! Од тебе зависат промените“, во чии рамки е предвидено партиското раководство да оствари средби со граѓаните за нивните проблеми, од кои би произлегле решенија што ќе бидат дел од кампањата на партијата на претстојните парламентарни избори.
Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во Охрид истакна дека акцијата има за цел напосредно да ги слушне проблемите со кои се соочуваат граѓаните, организациите, здруженијата, како и целни групи, и како што рече, „за истото да понудиме решенија кое што ќе биде содржано во програмата која што ќе биде дел од кампањата за следните парламентарни избори“.
“Еден нов пристап на неколку месеци пред почеток на кампањата сакаме јасно да ги дефинираме приоритетите на нашите граѓани, на економијата, на целните групи, на луѓето кои што денеска се во Македонија и кои што денеска се грижат и им значи Македонија да успее. Затоа велиме дека е важно, алармот е вклучен и ние цениме дека со оваа акција можеме навистина да имаме една исклучително содржајна кампања”, рече Мицкоски.
Според него, партијата ВМРО-ДПМНЕ како носител на идната влада има намера од централниот буџет за проекти во Охрид да алоцира средства до осум милиони евра годишно или 32 милиони евра за четиригодишниот мандат.