Албум со слики од условите во затворот во Идризово и огледало за пратениците да се запрашаат себе си пред гласањето за предлог Законот за амнестија ќе им однесе министерот за правда Кренар Лога, кој очекува поддршка од сите пратенички групи, откако ВМРО-ДПМНЕ најави блокада.
Но, уште не влезен во собраниска процедура амандман најави СДСМ, бидејќи меѓу амнестираните има имиња како Хаки Азири и Фејзи Азири, осудени за случајот „Монструм“. Тие се осудени на 9 и 15 години затвор за „Помагање на сторител по извршено кривично дело“, откако претходно се товареа за тероризам, дело кое не е предмет на амнестија.
За Лога прашањето дека и тие ќе бидат предмет на амнестија беше тенденциозно, бидејќи судот е тој што им ги преквалификувал делата поврзани со петкратното убиство кај Смилковското езеро. Ако амнестија за овие кривични дела имало во 2018 година, тогаш тоа ќе биде случај и со новиот закон, кој како што рече Лога, не се бави со конкретни предмети.
“Кој ќе биде опфатен ќе се калкулира после од управата за извршување на санкции. Повикувам да не се игра со имиња и емоции на случаи. Од таму нема да излегуваат академци, се знае дека оттаму ќе излегуваат затвореници кои се осудени за кривични дела. Значи само во ВМРО-ДПМНЕ може да случува да влегува во затвор криминалец и да излегува како академик и да се пречека во палата како да е некој јунак во државата”, посочи Лога.
Но, на пратеничкото прашање од ВМРО-ДПМНЕ дали како родител е подготвен да ги амнестира осудените за „Монструм“, премиерот Димитар Ковачевски најави амандман на предлог законот.
“Штом законот ќе влезе во собраниска процедура доколку има такви случаи кои што вие ги наведувате пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман со кој истите ќе бидат исклучени од можноста за амнестија”, одговори Ковачевски.
Лога наведе и дека се работи за истиот закон од 2018 година, притоа изземени се делата кои беа опфатени со измените на Кривичниот законик, како и и делата поврзани со семејно насилство.
“Не очекувам дека ќе биде блокиран”, вели тој. За измените на Кривичниот законик, Лога ја префрли одговорноста на Собранието.
Тој тврди дека членовите од Работната група кои во моментов го изготвуваат новиот Кривичен законик, не биле консултирани за последните измени.