Груевски и Трајковски во фокус на дебата за Кривичниот законик

Дали неодамна донесениот Кривичен законик е искуцан во Будимпешта и испратен на УСБ во ДУИ? Поминал ли низ рацете на Ахмети и Џафери, и како се најде кај Александар Николоски кој го покажуваше во емисија?

На овие прашања, сите имаат различни одговори. Претседателот на Собранието повторно негираше дека примил каков било материјал, или допис од Будимпешта со насоки за содржината на измените на Кривичниот законик. Единствените документи што ги добил, вели, се од предлагачот на измените, односно владата.

На прашањето, дали измените што веќе поминаа во Собранието и стапија на сила, се идентични со тие кои потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Александар Николовски, ги презентираше вчера, рече дека нема потреба тој да прави анализа на материјалот.

Николоски сподели три испечатени страници А4-формат со предлог-измени на Кривичниот законик, а покажа и УСБ, за кое тврди дека е она што деновиве го спомнуваше Мицкоски. Според него, тајната комуникација на Груевски трае околу година ипол, а се засилила во февруари годинава со преписки со Али Ахмети, Талат Џафери и уште едно лице.

Комуникацијата со него, тврди, ја поттикнале, првин од ДУИ, а потоа и од СДСМ, со цел да се привлечат пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои би гласале за уставните измени.

Груевски, пак, таканаречените докази ги нарече измислица и ја спореше нивната автентичност. Но, членот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Трајковски, кој во периодот кога Груевски избега од Македонија, прв го посети во Будимпешта, вчера преку фејсбук го тврдеше спротивното.

Трајковски во 2018-та година негираше дека се сретнал со Груевски. Како обвинет во случајот „Шамари во Центар“, за посетата беше прашан и од обвинителката Фатиме Фетаи, на што одговори дека во Унгарија бил поради специјалистички прегледи на синусите. Деновиве на фејсбук напиша дека тогаш отишол во посета на Груевски за да му даде поддршка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*